|
Зголемување на приходите на електронските медиуми од околу 40 насто забележа истражувањето на пазарот на електронските медиуми во 2008 година, што го спроведуваше Советот за радиодифузија во текот на 2009.
Телевизискиот пазар бележи пораст
Вкупните приходи на пазарот на електронски медиуми за 2008 година се 2.341.114.753,00 денари, што е пораст за 39,81% во споредба со претходната година. Најголемиот дел од вкупните приходи дошол од рекламирање, што е 71,22%. Најголемите десет огласувачи за 2008 година се: Т-Мобајл, Владата на РМ, Кока Кола, Проктер и Гембел, Космофон, ВИП, Макпетрол, Вриглис, Автонова и Аутомотив Груп. За време на 2008 година издатоците во ТВ индустријата изнесувале 2.179.207,193,00 денари. Во споредба со претходната година расходите на ТВ индустријата се зголемиле за 29,79%. Вкупните приходите на телевизиите биле 121.252.993,00 денари.
Единствениот сегмент, кој бележи негативен финансиски резултат е секторот на регионални телевизии.
Раст од речиси 19 насто кај радијата
Раст е забележан и во сферата на радијата. Тие оствариле приход од 434.434.421,00 денари, што е 18,9% повеќе, споредено со претходната година. Само кај трите национални комерцијални радија се забележува намалување на приходите, додека остатокот забележува зголемување. Целосното ниво на расходи бележи опаѓање, што е најниското ниво на расходи во радио индустријата, забележано во последните пет години. Вкупно радио индустријата бележи финансиски раст од 56.964.919,00 денари.
Сегментираноста на публиката е прилично голема
Како и 2007 година, сегментираноста на публиката е многу поголема од сегментираноста на приходите од огласување, што е резултат на присутноста на големиот број странски ТВ канали на пазарот. Најголема гледаност и оваа година имала телевизија А1 (21,07 отсто), потоа Сител (11,6 отсто), Канал 5 (7,37 отсто), Телма (4,78 отсто) и Алсат-М (3,28 отсто). Трите програмски сервиси на МТВ (МТВ1, МТВ2 и Собраниски канал) имале заедничка гледаност од 11,61 отсто.
Регионалните и локалните телевизиски станици во вкупната гледаност учествуваат со 11,5 отсто. Висока гледаност имале странските канали што публиката ги добива преку кабелските мрежи и индивидуалните сателитски антени (26,4 отсто).
Најслушана радиостаница во 2008 година била Антена 5 (14,57), потоа Канал 77 (8,51 отсто), а Метрополис (2,49 отсто). Заедничката слушаност на Македонско радио 1 и Македонско радио 2 изнесувала 8,64 отсто. Регионалните радиостаници имале удел од 29,73 отсто во вкупната слушаност, а локалните радиостаници 36,06 отсто.
Во истражувањето на СРД за 2008 година, покрај јавниот радиодифузен сервис, беа опфатени 78 трговски телевизиски радиодифузери, од кои пет национални земски, а 16 сателитски телевизии, 10 регионални и 47 локални телевизиски радиодифузери. Во однос на радијата покрај јавниот сервис и двете непрофитни радија беа опфатени 68 комерцијални радио станици. На национално ниво работеа три радиодифузери, имаше 16 регионални и 49 локални радија.
Поради обемните информации, што треба да се обработат и поднесувањето на завршните сметки, истражувањето за состојбата на пазарот на електронските медиуми за 2009 година се очекува во текот на втората половина на 2010 година.
Целото истражување во .pdf-формат е достапно овде.
Автор: Борче Маневски |