Започнува процесот на регионализација на локалниот телевизиски пазар PDF Печати Е-пошта

 

Потреба од регионализација на локалните електронски медиуми

 

За комерцијалниот медиумски сектор, чијшто главен извор на финансирање се средствата од огласување, главната бариера за успешно економско работење и за развој е малиот потенцијал на индустријата на огласување во Р. Македонија, што во основа зависи од поширокото макроекономско опкружување.

 

regionalizacija(Фото: Консултации во СРД за текот на регионализацијата со претставници од локалните телевизиски станици)

 

Според истражувањата на СРД, локалната комерцијална радиодифузија е во најтешка состојба во овој поглед, бидејќи најголем дел од приходите од огласување се слеваат кај националните радиодифузери. Исто така во текот на изготвувањето на националната Стратегија за развој на радиодифузната дејност 2007 - 2012, СРД констатираше дека локалниот медиумски пазар е премногу фрагментиран, а бројот на субјектите е преголем споредено со потенцијалот на огласувачката индустрија. Ова особено се однесува на телевизискиот пазар, каде што конкуренцијата е мошне голема.


Движејќи се во насока да ги подобри условите за работа на локалниот и регионалниот телевизиски пазар, Советот за радиодифузија (СРД) го започна процесот на регионализација. Ова е обврска, што потекнува од Стратегијата за развојот на радиодифузјната дејност 2007 – 2012. СРД направи детални истражувања на телевизискиот пазар и во неколку наврати одржа консултативни средби со претставници од локалните радиодифузери со цел овој процес на регионализација да се одвива непречено. За време на овие средби со локалните радиодифузери телевизиската индустрија јасно го кажа својот став: неопходна е што поскорешна регионализација.

 

 

Што е всушност регионализацијата?


posebni_Makedonija

(фото: Графички приказ на радиодифузните региони во Македонија)

 

Во некои подрачја во Македонија географските услови на теренот не дозволуваат некои локални телевизии да го ограничат сигналот на покривање само на локално подрачје, па така нивните програми слободно се примаат и надвор од предвидената област на покривање. Најдобри примери за ова се пелагонискиот, полошкиот и охридско-струшкиот регион, каде што технички речиси е невозможно аналогните терестријални предаватели строго и прецизно да се ограничат на еден мал географски локалитет. Па така, локалните телевизии на пример од Битола, поради конфигурацијата на теренот можат да се следат и во Прилеп или Крушево.


Вкупно во Македонија има 9 региони, коишто се поделени според географската конфигурација на теренот и според фреквенцискиот план заради обезбедување што поквалитетен прием на сигналот. Во процесот на регионализација не учествува само скопскиот регион, бидејќи во него нема локални радиодифузери. Најниското ниво за овој регион е регионален радиодифузер, поради поголемата концентрација на население што се покрива.

 

Регионализацијата сега дава можност некои од локалните телевизии, кои ќе ги исполнат соодветните критериуми, да се искачат на нивото на регионални телевизии. Ова е првиот чекор, но на среден рок и долг рок, СРД очекува некои локални радиодифзуери да почнат и процес на здружување и окрупнување на капиталот со што ќе можат да се издигнат на регионално ниво и да понудат поквалитетна програма и продукција на аудио-визуелни содржини.

 

Автор: Борче Маневски