|

Кристално чиста слика, беспрекорен звук, нови интерактивни услуги и услуги на барање преку ТВ-приемникот.
Ова се само дел од придобивките што се отвораат со дигитализирањето на телевизискиот радио-фреквенциски спектар. Веќе шеесетина години старата добра аналогна телевизијата е секојдневие во животот на милијарди луѓе на целата планета. Овој бизнис, кој вреди милијарди евра, ни го покажа стапнувањето на човекот на Месечината, не’ забавува и расположува со светските музички спектакли и спортски настани, но исто така не’ известува и за природни несреќи и катастрофи и не’ мобилизира да сочувствуваме и да им помагаме на оние на кои им треба итна помош. Сега со процесот на дигитализација на земските телевизиски мрежи започнува нова ера, слична на онаа кога телевизијата беше црно-бела па премина во колор.
Што е дигитализација на земската телевизија?
Досегашниот начин на пренос на телевизискиот сигнал се покажа доста успешен. Но, за жал, за разлика од останатите платформи за пренос (кабел, сателит, IPTV итн.) оваа платформа на безжично земско пренесување на телевизискиот сигнал, има ограничен број фреквенции. Освен тоа, се покажа дека аналогната телевизија е поподложна на интерференции и губење на сигналот или негово дуплирање, што се карактеризираше со таканаречените „сенки и снег“. Ваквите негативни страни на аналогната телевизија сега ќе станат историја.
Дигиталниот начин на пренос преку (бинарен код) ќе донесе речиси перфектна слика, а нуди можност и за разубавена телевизија (enhanced TV) како и за врвната телевизија со висока резолуција (HDTV). Можеби најголемата добивка е тоа што дигиталниот сигнал може да се компресира, па така во еден канал ќе можат да се емитуваат околу десетина програмски сервиси со MPEG-4 компресија во стандардна дефиниција или од три до пет со висока дефиниција со што ќе се зголеми просторот за емитување повеќе програмски сервиси во етерот. Па, така од сегашните пет телевизиски сервиси, во Македонија ќе се добие простор за емитување на десетици телевизиски сервиси.
Дигитализацијата на македонскиот етер започна со Стратегијата за развојот на радиодифузната дејност, што ја изготви Советот за радиодифузија во соработка со многубројни домашни и странски партнери и експерти. Во оваа стратегија е предвидено како ќе се одвива дигитализацијата на терестријалната телевизија. Имено, дигиталниот етер е поделен на повеќе мултиплекси – фреквенциски опсези со групација на потканали за дистрибуција на телевизиски програмски сервиси. Во Македонија има 9 такви мултиплекси од кои секој може да пренесува по околу десетина програмски сервиси со стандардна дефиниција и MPEG-4-компресија.
Стратегијата за развој на радиодифузната дејност предвидува на почетокот на дигитализацијата три мултиплекси да ги користи комерцијален оператор и еден мултиплекс да и’ припадне на Македонската радиодифузија за пренос на програмите на јавниот телевизиски сервис. Како стандард за дигитална телевизија е земен европскиот DVB-T стандард, што е најраспространет во светот. Во одреден период паралелно ќе се емитуваат и аналогна и дигитална телевизија. Со ослободување на фреквенциите преку исклучување на аналогното емитување ќе се добие простор и за функционирање и на останатите мултиплекси, по што најдоцна до 2015 година целосно ќе биде исклучено аналогното телевизиско емитување.
Сите приемници ќе можат да го примаат дигиталниот сигнал
Доколку имате постар ТВ приемник тоа не значи веднаш дека морате да купите нов. Со помош на таканаречените сет-топ-боксови (Set-Top-Box), коишто се всушност рисивери (примачи) на дигиталниот сигнал, коишто се приклучуваат на ТВ приемниците, ќе може да се изврши конверзија од дигитален во аналоген сигнал. Сепак, доколку сакате да уживате во телевизија со висока резолуција ќе морате да имате ТВ приемник од типот HD Ready или FullHD со можност за декомпресија на дигиталниот ТВ сигнал од MPEG-4 формат. Дигиталниот сигнал ќе може да се прима и со домашна антена, така што антените, што се поставени на кров или на балкон веќе нема да бидат потребни.
Кој дел од населението ќе биде засегнато од преминот од аналогна во дигитална телевизија?
Доколку ТВ програмите ги примате преку сателитска антена, кабел или IPTV нема да бидете директно засегнати од исклучувањето на аналогните предаватели. Според последните истражувања на Советот за радиодифузија (спроведени од агенцијата „Рејтинг“) вкупно 23 проценти (12%-урбани средини; 38%-рурални средини) од вкупното население во Република Македонија телевизискиот сигнал го прима преку обична, аналогна ТВ-антена. Овој дел од населението ќе мора да набави дигитални сет-топ-боксови за да може да ги следи телевизиските сервиси, емитувани преку дигитална земска телевизиска мрежа.
На поновите ТВ приемници со вграден дигитален тјунер (DVB-T со MPEG-4) нема да им биде потребен дополнителен сет-топ-бокс.
На што да се внимава при купување нов телевизор
Доколку се одлучите да купите нов ТВ-приемник со вграден тјунер бидете сигурни дека тој поддржува компресија MPEG-4, DVB-T стандард и дека може да прикажува телевизија со висока дефинција – HD Ready или FullHD.
Други дигитални платформи за пренос на телевизиски програмски сервиси
Покрај дигиталната земска (DVB-T), постојат и дигитална кабелска (DVB-C), дигитална сателитска телевизија (DVB-S), како и телевизија преку интернет протокол (IPTV).
Советот за радиодифузија е надлежен за регистрација на програмските пакети на операторите на јавните комуникациски мрежи без разлика дали преку нив аудио-визуелните сервиси се емитуваат аналогно или дигитално.
Автор: Борче Маневски |