Истражување на СРД: Македонските гледачи бараат помалку насилство на ТВ PDF Печати Е-пошта

tv_nasilstvo„Телевизиските вести се презаситени со негативни информации, несреќи и насилство“ –  вака сметаат 51,3 проценти од населението, според последното истражување на Советот за радиодифузија, што го спроведе Агенцијата „Рејтинг“ на репрезентативен примерок од  1067 граѓани. Дури 33,5 насто донекаде се согласуваат со оваа констатација.

 

„Истражувањето покажува дека македонската публика е презаситена од насилство во вестите, но и воопшто во останатиот дел од телевизиските програми.“ – вели Панче Наумов, член на СРД и Координатор за програма.  „Клучно е главните уредници во телевизиите да одмерат што може да се пушти и во кој дел од денот. Понекогаш во дневно-информативните програми, колегите новинари се понесени од сензацијата на приказната и ненамерно можат да пуштат снимки од жртвите на некое насилство или несреќа на начин што би можел да го наруши достоинството на жртвите“ – вели Наумов. Според истражувањето на СРД, потполно со оваа констатација се согласуваат 47,4, а донекаде се согласуваат 31 процент од испитаниците, додека воопшто не се согласуваат 3,8 насто.

 

Телевизиската публика (потполно се согласуваат 38,7%, донекаде се согласуваат 32,7% од испитаните) генерално констатира дека преку ТВ вестите се обвинуваат личности пред судот да ја докаже нивната вина. Сличен е процентот (42,7%) кои потполно се согласуваат со констатацијата дека во ТВ вестите многу често се шпекулира со непроверени информации.

 

Запрашани дали политичарите имаат силно влијание врз информациите во телевизиските вести, околу 80 проценти од анкетираните сметаат дека политичарите имаат силно влијание врз информациите. Ист е процентот на граѓани што веруваат дека сопствениците на телевизиите ги насочуваат вестите во своја полза.

 

Автор: Борче Маневски