|
Преземи список на регистрирани телевизии (потребен е MS Excel)
Преземи список на регистрирани радија (потребен е MS Excel)
Покрај јавниот радиодифузен сервис Македонска радиотелевизија, радиодифузна дејност во Македонија вршат и 146 трговски радиодифузни друштва, како и две непрофитни радиодифузни установи.
Јавниот радиодифузен сервис Македонска радиотелевизија, емитува три телевизиски програмски сервиси (МТВ 1 и МТВ 2 преку терестријален предавател) и МКТВ САТ преку сателит, а обезбедува еден програмски сервис (Собраниски канал) исклучиво наменет за емитување на активностите на Собранието на РМ. Дозвола за емитување телевизиска програма имаат вкупно 78 субјекти, од кои пет на државно ниво преку терестријален предавател, 16 на државно ниво преку сателит, 10 субјекти на регионално ниво (на подрачјето на градот Скопје) и 47 на локално ниво. На територијата на државата, преку терестријален предавател телевизиска програма емитуваат телевизија А1, Канал 5, Сител, Телма и Алсат-М.
Во Македонија постојат вкупно 71 радиостаница, кои зрачат 77 радио програмски сервиси. Разликата во бројот на субјектите и сервисите се должи на фактот што јавниот радиодифузен сервис Македонска радиотелевизија, емитува шест радио програмски сервиси. Од вкупно 68 комерцијални радиостаници, три емитуваат програма на национално ниво (радио Антена 5, Канал 77 и Метрополис), 16 на регионално ниво и 49 на локално ниво. На локално ниво програма емитуваат и две непрофитни радиостаници. Вкупниот број ниту на субјектите ниту на програмските сервиси не е конечен со оглед на тоа што е во тек трансформацијата на локалните јавни радија.
Во јавниот и во приватниот сегмент на телевизијата во Македонија, немнозинските етнички заедници имаат медиуми на своите јазици. Втората програма на Македонската телевизија (МТВ2) е сервис сочинет исклучиво од програми на јазиците на етничките заедници: Албанци, Турци, Роми, Срби, Власи и Бошњаци. Како најстара се води програмата на албански јазик која датира од 1967 година, а најмлада е програмата на бошњачки јазик, воведена во 2002. И Македонското радио има Програми на јазиците на истите шест етнички заедници. Во декември 2007 година, меѓу комерцијалните ТВ - станици 12 се со програма на албански јазик, од кои една е национална, една е регионална, додека преостанатите десет се локални. Две регионални телевизии емитуваат програма на ромски јазик (и на македонски јазик), една регионална е на бошњачки, и има една локална телевизија со програма на македонски, турски и албански јазик. Меѓу комерцијалните радиостаници програма на албански јазик емитуваат три регионални и седум локални радиостаници, програма на ромски јазик - две локални радија, а едно локално радио предвидува освен на македонски, да емитува и емисии на српски и на хрватски.
Јавно радиодифузно претпријатие се основа за целата територија на Република Македонија и врши функција на јавен радиодифузен сервис, работи на начин и под услови утврдени со Законот за радиодифузијата дејност („Службен весник на РМ„ бр.100/2005 и 19/2007) и дозволата за вршење радиодифузна дејност ја добива со тој закон.
Трговско радиодифузно друштво можат да основаат правни и физички лица под услови утврдени со Законот за радиодифузијата дејност и со друг закон.
Непрофитната радиодифузна установа - новиот вид радиодифузен субјект, е една од новостите што ги донесе Законот од 2005 година - (член 10), а можат да ја основаат образовни, културни и други установи и здруженија на граѓани и фондации.
Политички партии, државни органи, органи на државна управа, јавни претпријатија, единици на локална самоуправа, носители на јавни функции и членови на нивните семејства, не можат да вршат радиодифузна дејност ниту да бидат основачи, соосновачи или да стекнуваат учество во сопственоста на радиодифузерите.
Преносот на програмите во Република Македонија се врши преку шест аналогни терестријални радио и осум телевизиски радиодифузни мрежи за пренос на програми на јавни и приватни радиодифузери, како и со одреден број комерцијални аналогни кабелски телевизиски дистрибутивни мрежи. Јавниот радиодифузер ги користи јавните радиодифузни мрежи на јавниот радиодифузен оператор ЈП Македонска радиодифузија (МРД). Комерцијалните радиодифузери располагаат со сопствени радиодифузни мрежи, односно најчесто самите ги пренесуваат своите програмски сервиси. |